"КОГА МОЌТА НА ЉУБОВТА ЌЕ ЈА ЗАМЕНИ ЉУБОВТА ЗА МОЌ, ЧОВЕКОТ ЌЕ ИМА НОВО ИМЕ: БОГ." - ШРИ ЧИНМОЈ

Биографија

Шри Чинмој е роден на 27 август 1931 година како Чинмој Кумар Гош во малечкото село Шакпура во Источен Бенгал, денешен Банладеш. Како духовен учител е познат по своето плодно наследство на објавена литература, музички композиции, уметност и поезија, како и по неговата животна посветеност на светскиот мир и хармонија.

Во текот на изминатите четири децении Шри Чинмој е инспирација за светска организација што има за цел да охрабри и поттикне посветла иднина за човештвото преку иницијативи во спортот, музиката, предавања за медитација и хуманитарна помош. Неговото огромно творештво на креативни дела и разновидни активности се обединети од страна на таа цел. Живееше во Њујорк од 1964 година се до неговото заминување од овој свет на 11 октомври 2007 година.

Ран живот

Шри Чинмој беше најмладиот од седумте деца, син на Шаши Кумар Гош - железнички инспектор a подоцна и основач на една мала Читагонг банка и неговата мајка Јогамаја Гош. За време на неговото детство беше познат по својот бенгалски прекар Мадал што значи „тапан“, асоцирајќи на неговиот шум и живост.

На 11-годишна возраст почина неговиот татко а една година подоцна ја изгуби и својата мајка Јогамаја и веднаш потоа трајно им се приклучи на членовите од неговото семејство во ашрамот на Шри Ауробиндо во Јужна Индија. Шри Чинмој ги помина следните две децении наполно потопен во динамичниот и активен живот во ашрамот.

Беше талентиран спортист, истакнувајќи се како спринтер и десетобоец. Напиша и објави повеќе статии и песни што всушност беа почетоците на неговата плодна литературна кариера и разви длабока љубов за медитација, практикувајќи и по четиринаесет часа на ден.

На 13 април 1964 година, на возраст од 32 години, се пресели на Запад за да ги сподели учењата на Индија и да и служи на целта за постигнување на светска хармонија.

Религија

Шри Чинмој е роден во хиндуистичко семејство, но е најдобро познат по својата длабока почит за сите религии и духовни патишта и својата длабока љубов кон Бог.

Кажано со неговите сопствени зборови: „Вистинската религија има универзална особина: да не наоѓа мани кај другите религии. Простувањето, сомилоста, толеранцијата, братството и чувството на единство се знаци на вистинска религија.“

„Духовноста не е гостопримство на верата на другите во Бог. Духовноста е апсолутно препознавање на верата на другите во Бог како своја соптствена.“

Во 1993 година, како и во 2004 година, беше поканет да ја отвори со медитација пленарната седница на Собранието на светските религии, што е најголемиот собир на верски и религиозни лидери и организации во историјата. Има промовирано многу меѓуверски активности за поттикнување на религиозно единство и добра волја, често и во Обединетите нации каде што еднаш неделно нудеше неденоминални медитации во тишина за лидери и дипломати.

Беше близок пријател на Мајка Тереза и се состана со голем број верски лидери за разговор за хармонија меѓу религиите. Сепак го опишува своето учење и насоки како духовен пат а не религија, со што се фокусира на внатрешниот развој и лична практика а не во рамки на формални верувања.

Цели

По неговото заминување од Индија во 1964 година,  Шри Чинмој се обидува да поттикне нова масовна подршка за глобална хармонија преку обемна антологија на објавени текстови, преку уметички дела и поезија, преку музика во повеќе од седумстотини глобални концерти изведени со свои композиции, преку дијалог со светските лидери, преку спорт, атлетика и многубројни уникатни иницијативи што вклучуваат безброј луѓе на локално ниво.

Во основата на сите негови напори и иницијативи, како негова порака што постојано се провејува е пораката дека човештвото припаѓа на едно светско семејство и светската хармонија е право по раѓање и крајна цел на човештвото во која секој човек може да го има својот удел.